Студентски доживувања за патувањето во САД!

Беше тоа ден кој што ветува многу. Просто не знаеш што уште да очекуваш, или подобро кажано-што не би можел да очекуваш. 6 часот изутрина. Никогаш предходно не помислив дека едно влегување во автобус ќе ми биде милион пати повозбудливо од првото влегување во авионот. Но ете, и тоа бивало. И тргнав. Поточно тргнавме. Јас и другарка ми Даен, со уште многу други околу нас…

Не собра автобусот на Кливленд, ни ги прегледаа тикетите и не поведоа на за нас, долгоочекуваното патување. Нијагара беше само на неколку часа од нас. Кој распеан, кој заспан. Но сите до еден возбудени. Дури ни облаците кои му пркосеа на традиционалниот, сончев летен ден, не беа доволно убедливи да не разубетат дека денот е веќе доволно возбудлив, а ќе биде и уште повеќе. Охајо, остана далеку зад нас. Неколку пати правевме пауза, сепак патот беше долг. За неполни 6 часа, стапнавме на тлото кое беше симбол за едно од Светските  чуда. Niagara Falls State Park. Излеговме од автобусот и го фативме патот по кој се движеше толпата луѓе. Секакви. Туристи, фоторепортери, улични минувачи и пејачи. Стигнавме до една билетара, каде можеа да се купат сите билети, за посета на дестинациите во Националниов парк. Сепак, не биле само Водопадите, како што одпрвин мислев. Наизглед, скромно место. Нема облакодери, нема ексклузивни светла и билборди кои го одземаат здивот. Ги зедовме билетите. Всушност, беа 6 места кои можат да се посетат. Ахх, си реков, имаме цел ден, сите ќе ги видиме.  Првата дестинација беше Made of the Mist, бродот кој ги заобиколуваше трите водопади пловејќи по реката. Ги дадовме билетите, облековме специјални наметки и тргнавме. Ние-долу во тиркизно-зелената вода. Над нас, од едната страна мостот кој го спојуваше тлото на Њујорк со Канада, од другата-чудо! Трите прекрасни, громогласни и магични водопади. Или како Американците преферираа да кажат-вода која грми. Убавини. Колку повеќе се приближувавме кон нив-толку позвучни стануваа. Капки вода прскаа по нас-ти се чини млаз со вода се истура врз тебе. Толку силни и толку моќни. Јас би рекла – половина час магија. Колку што траеше патувањето.

Следното дваесетминутно пешачење низ националниот парк не доведе до Аквариумот на Нијагара. А внатре-цел воден свет во мало. Ајкули, секаков вид на риби, пингвини со своја историја, а на горниот спрат-милион други чуда и мрзливите фоки. Моите омилени. Во ѕидовите од околу-вгнездени аквариуми, со се и сешто во нив. Да ви кажам што имаше-не можам. Секако, имаше биографии и објаснување за секое едно “чудо” внатре, но кој да запамети. И нормално-сувенири колку сакаш и несакаш. Два часа поминаа како една минута. Дури и неприметно. Денот, полека си го земаше својот дел.

Враќајќи се назад, застанавме на следната станица-George Discovery Centar.  Влеговме внатре, меѓутоа, само за да ги земеме специјалните алки кои ни беа пропусницата за возење низ паркот со тролејбасот. Време за разгледување немавме. Си рековме, ќе се вратиме.  На брзина, влеговме во мини-возот за кој се надевавме дека ќе не однесе до следната дестинација-Пештерата на ветровите.  А таму-што да видиш! Редица, не и се гледа крајот. На влезот-споменик од Никола Тесла. Хм, пријатно изненадени, се вгнездивме во редицата. И чекавме, можеби еден час. Залудно, време имавме се помалку. Се свртевме со Даен, збунети. Дали да продолжиме со чекањето, или да искористиме уште нешто колку ќе можеме. Излеговме од редицата и правец со Тролејбасот-назад. По пат, ги разгледувавме убавините на останатиот дел од паркот. Има што да видиш-се на место, токму како што и би требало да биде. Ги видовме и Брзаците. Така ги викаа брановите на реката. Што да објаснам-толку моќ се собрала во Нијагара. Изгладнети-седнавме да каснеме во едно мини-ресторанче. Во јадењето ни се придружи една постара госпоѓа. Од каде и како дојде-не знам. Расположена, пријатна, и желна за муабет. Се подруживме и тргнавме кон театарот, да искористиме колку што можеме од билетите кои ни преостанаа. Но, претставата веќе беше почната. За жал. Она многу време кое мислев дека го имам на почетокот-сега веќе беше минимално. Ограничено. А толку многу за видување. Ехх, Нијагара, да знаев неколкудневен одмор да си земам па да те разгледам. За крај, додека го чекавме автобусот да си го фатиме патот наназад, влеговме во една навидум, обична зграда. Внатре-најдолу Кинески ресторан, а во останатите делови и спратови-сувенири милион. Секакви. Ама баш. Секако, си се почастивме со по некој.

Половина час по полноќ. Охајо повторно. Под неверојатните импресии од Нијагара-заморот речиси не го чувствував. Ако на почетокот од денот не знаев што да очекувам-бев во право. Националниот Парк на Нијагара ги надмаши сите мои очекувања. Таква убавина, таква мистерија, таква магија-може да се види само таму. Да ти ги исполни срцето и душата, да те смири, да те остави без зборови. Убавини.

И како да не ги сакам летата во Америка? Како да не ја поддржам W&T програмата? Како да не се гордеам со тимот на Коузон кој ми ги пружа ваквите шанси?

А вие-уште чекате? Искористете ги своите шанси, уживајте во приликите кои ви се нудат. Патот под нозе и право на аплицирање за незаборавно лето во Америка. А ако веќе сте го сториле истото, и сте аплицирале за W&T програмата на Коузон-што да ви кажам, освен-честитки за изборот. Верувајте дека воопшто нема да бидете разочарани.